[:mk]Многу врева[:]

[:mk]Да имавме во нашите срца само делче од милоста со која што Бог ја покрива земјата, човек за човекот не ќе беше волк. Да се протнеше во нашите души само еден зрак од светлината со која Бог го осветлува животот човечки, немаше да постојат омразата, зависта, војната, злосторството…

Пишува х. Сулејман еф. Реџепи

Како сведоци на погрешното интерпретирање и на злоупотребата на верата и нејзиното инструментализирање за реализирање на разноразни планови и цели, денес, вџашено се прашуваме : Каде исчезнаа постулатите на божествените вери – толеранцијата и мирот, соживотот и меѓусебното разбирање ? Ако Бог ги створи луѓето различни за да се запознаат по добро и да се сакаат меѓусебно, како можат луѓето да ги одминуваат тие одредби ?

И болно е, и жално е, но многу луѓе денес ја докажуваат својата припадност и љубовта кон својата вера мразејќи ги другите, поставувајќи ги своите корени што по далеку во историјата и промовирајќи лажна супериорност од која на крајот се изродува шовинизам, фанатизам и екстремизам. Болно е и жално бидејќи сиот тој бес и насобрана омраза не произведуваат никаков бенефит за никого освен за тие што го ориентираат бесот и омразата. Во меѓувреме, обичниот човек, опиен од големите празни зборови, продолжува да си ги плаќа сметките за школувањето на децата, за водата, струјата, греењето. Имено, ниту еден национализам и екстремизам никогаш и никаде не ги платил сметките, тие само си ја наплатуваат сметката на крајот на муабетот.

Во секој случај, без ронка сомнение, злоупотребата на личните чувства, на тие нај племенитите и нај чистите како што е верувањето во Бога и љубовта кон нацијата, представува непростлив грев бидејќи последиците што ги предизвикува не се елиминираат лесно.И, ако сето тоа е оркестрирано од политички центри со цел на превземање на власта или нејзиното зацврстување, гревот се удвостручува.

Прочитав пред некој ден една брилјантна изрека на Едмунд Бурк, идеолошкиот татко на плитичката легенда Винстон Черчил, кој што политиката ја гледа како “ Поле на кое што дури и ангелите се плашат да зачекорат, додека пак будалите влетуваат трчајќи“. Каква мисла и каква проценка, каква дефиниција за политиката, иако искажана пред многу време. Не случајно британската дипломатија се нарекува школа за сите други.

Мислам дека од таа кратка изрека би требало да извлечат поука сите овие политичари во регионот што експериментираат со трпението и надежта на цвоите следбеници , а посебно овие

што се повикуваат на некојаси имагинарна величина на својата нација или дури и полошо, во своите небулози сакаат да ги вмешаат Бога и верата.

Но, како и што би можел да научи нешто од Бурк еден политичар кој што без да се засрами од самиот себеси, им вели на своите подржувачи: Ние ќе победиме бидејќи нашиот Бог е по јак од нивниот Бог ?! Тешко дека таквите можат да разберат дека политичките и интелектуалните ставови, како и принципите според кои ќе се раководи светот, не ги одредуваат таму некоиси аутсајдери, маргинализирани политичари, будали што влетуваат во трк на политичкото бојно поле, губитниците што се обидуваат да ги имитираат победниците. Светот можат да го ориентираат само умните и храбрите.

Поради горе кажаното, уверен сум дека поединци и групи што во моментот делуваат во регионот, нарочито во Македонија, за да ги спречат евроинтегративните процеси и референдумот кој што е од животно значение за перспективите на луѓето во земјава, многу површно ја перцептираат политиката и последиците што може да ги произведе нивното потикнување на раздор. .

Дефинитивно, човек што сака да живее како што треба, би требало да разбере што е добро а што е лошо. Народите и поединците што си ја загубиле верата, не верувам дека можат да живеат среќно бидејќи среќата кон која тежнееме може да се најде само во верата во Бог, а Тој им наредил на луѓето да се сакаат и да се почитуваат, им порачува на нивните водачи да ги изнајдат патиштата на среќата и мирот на сите луѓе. Вистинските водачи, лидерите, веруваат и се залагаат за една цел што е праведна за сите,свесни дека вистинската вера навлегува во срцето преку молитва што се кажува во мир и тишина а се однесува на сите луѓе. Вревата, наведувањето на зло и омразата, ја исклучуваат верата во Бога.

Да имавме во нашите срца само делче од милоста со која што Бог ја покрива земјата, човек за човекот не ќе беше волк. Да се протнеше во нашитедуши само еден зрак од светлината со која Бог го осветлува животот човечки, немаше да постојат омразата, зависта, војната, злосторството…[:]

Comments are closed.