Во актуелниот случај на ИВЗ капитулираше државата – plusinfo

Господине Реџепи, што се случува во моментов во Исламската верска заедница?

– Во моментов имаме само класична узурпација на седиштето на ИВЗ од страна на два-тројца губитници и од еден значителен број хулигани кои ги држат вработените во заложништво попречувајќи го нормалното функционирање на верскиот живот во земјава. Што друго ќе се случи? Се случува една грда појава која од соодветните структури ќе се земе како класичен пример за да се објасни целта на кариеристи и психопати. Знаете што? Во цивилизираниот свет вооружените групи кои упаѓаат со сила во објекти со уставна категоризација се именуваат, едноставно, како терористички групи и кон нив се постапува безмилосно, до нивно тотално елиминирање. Кај нас, таквите групи се нарекуваат и третираат така како што тие се самопрогласуваат. На пример, овие вооружените внатре во ИВЗ се самонарекуваат „привремено раководство“! Не е ли ова голема дамка за самата држава Македонија?

Како ќе се борите да ја вратите ИВЗ повторно во ваши раце?

– Не сум за ниту една опција освен за опцијата за интервенција на службите на редот и безбедноста. Ова е нивен проблем, имаат работа со лица кои направиле криминално дело. Некој очекува од мене остри мерки. Не, јас не сум во состојба, заради единството на муслиманите, заради светите животи на моите браќа, да се откажеме од тој објект и да им го препуштиме на криминалните групи. Сакам да кажам, не што нема да прифатам, туку со голема душевна болка треба да ги замолам луѓето, толпите, групите кои искажуваат подготвеност да се соочат со тие хулигани кои се несомнено вооружени до заби. Нема никогаш да прифатам да го вратам објектот макар и со една капка пролеана крв. Тука се органите на редот, тука е обвинителството, тука е судството. Јас сум повеќе од убеден дека во моментов државата е пред предизвик! Нѐ набљудуваат сите меѓународни релевантни фактори.

Медиумите објавија дека сте се слушнале по телефон и со премиерот Никола Груевски во врска со упадот во ИВЗ. Што ви рече тој?

– Им ставам до знаење на сите, значи и на премиерот лично, дека проблемот на ИВЗ е многу интересен предизвик за државата. Оваа појава нас муслиманите во земјава нѐ шокираше секого поединечно и ова не е некој феномен со национални и верски последици. Едноставно, е феномен кој ќе ја засрами самата држава! Не може да биде нормална земја таа држава каде со леснотија се узурпираат институциите со уставна категорија. Сега веќе нема да зборувам со ниту еден од државните раководители, бидејќи не сум нивен портпарол. Тие имаат очи и се соочуваат со ситуацијата (имаат полицајци во ИВЗ и од нив ги добиваат точните информации). Нивниот молк само ќе им отвори пат на сите кариеристи, секташи, фракционери, разни терористички групи, криминалци, крадци, значи на сите ќе им се прати порака дека се слободни да дејствуваат како што се дејствуваше во ИВЗ. Во нашиот случај, капитулираше државата, а не само ние како единствена исламска институција во земјава.

Поради што точно беа разрешени генералниот секретар на ИВЗ, скопскиот муфтија и секретарот на скопското муфтиство?

– Поради нивните опортунистички однесувања кои се воочуваа во последно време, поради нивната летаргија на работните места (а кои всушност биле ангажирани во креирање на сценарио надвор од нивата професија и функција), поради недисциплината, поради неисполнување на секојдневните обврски, поради саботажите кои се обидуваа да ги вршат секој ден, поради ултиматумите… Не ги оставивме на улица, ги разрешивме од нивните позиции и повторно им дадовме можност да придонесуваат за доброто на Исламот ако имаат желба, волја и подготвеност.

Тие Ве обвинија за финансиски малверзации. За што всушност станува збор?

– Ме обвинуваат, бидејќи самите тие се многу убедени дека еден ден ќе одговараат за нивните страшни финансиски малверзации што ги направија во Скопското муфтиство. Не сакам да зборувам сѐ додека не се изврши професионална ревизија за ова прашање. Индикации имаме многу, исто така и докази, и тие знаат дека им нема спас. Впрочем и ова што го направија со упадот во ИВЗ е нивен последен обид да одговараат пред законот а да се себеприкажат како жртви на власта и на Сулејман Реџепи. Оваа држава има органи, има управи, професионални службеници, обвинители и судии кои можат да ги решат и објаснат сите спорни прашања! Тешко на оваа држава ако останала во рацете на два-тројца пучисти според чиј модел треба да се разрешат спорните ситуации!

Бунтовниците Ви замерија и што сте го смениле уставот на ИВЗ кој сега Ви овозможува неограничен мандат во ИВЗ. Зошто по брза постапка беше сменет уставот на ИВЗ во 2008 година?

– И овие биле бунтовници и биле дел од барањето на подготвеноста и добрата волја на сите органи за да усвоиме нов Устав на ИВЗ, како највисок правен акт на сите органи и институции на ИВЗ. ИВЗ има свои органи, свои работни тела, ги има своите професионалци кои што отсекогаш внимавале на секоја процедура потребна за уставните измени. Не сум го направил на своја рака, туку е направено со иницијатива и согласност на сите. Од 2008 до денес, значи полни 7 години! Сте слушнале ли до денес да се отвори ова прашање од некого? Не! Бидејќи сѐ било со целосна согласност и ова се докажува и во актуелните моменти кога сите органи, институции, сите функционери на ИВЗ сме едно, нескршливи и неоштетени.

Тврдите дека полицијата ги поддржува бунтовниците поради тоа што не реагирала за време на пучот во ИВЗ иако имало таква наредба од Јавното обвинителство. На што го базирате ова тврдење?

– Реков и претходно! Во демократскиот свет бандитските и терористичките упади се неприфатливи, дури и казниви до тотална ликвидација! Во цивилизираниот свет ако некој манијак упаѓа во некоја продавница и почнува да ги малтретира потрошувачите веднаш интервенира полицијата до исчезнување на опасноста кон животот на обичните граѓани. Каква ќе беше реакцијата на органите на редот ако на пример неколку вооружени хулигани би упаднале во некоја зграда на некое министерство! ИВЗ е гарантирана со Уставот на државата! ИВЗ е опколена од хулигани, узурпирана од двајца-тројца вооружени пучисти и ИВЗ е преполна со полицајци! Само во ИВЗ може да случи дружење на полицајци и на криминалци, да се смеат, да разговараат, да пијат кафе и чај заедно. Што кажува ова? Да не се сомневаме дека овде немаат прсти одредени државни структури, и покрај наредбата на Обвинителот за интервенција со цел ослободување на објектот и на вработените кои се држат внатре како заложници! И сѐ ова пред очите на полицијата! Извините, но не знам како ова да го наречам освен како флертување на одредени државни органи со криминалците.

Има гласини дека луѓето што го зазедоа ИВЗ се блиски до директорот на УБК, Сашо Мијалков. Како ги коментирате?

– И јас ги читам таквите тврдења. Луѓето знаат се, зборуваат се. Сашо Мијалков е синоним за разузнавачката служба на државата. Кај нашиот народ е вкоренета „теоријата на заговор“, и секој обид за раскол, секое фракционерство и дестабилизација се доживува како дело на разузнавачките служби домашни, или странски. Тука некаде се базираат нивните тврдења дека овие пучисти се соработници на Сашо Мијалков, се извинувам, негови марионети. Впрочем, познато е дека Исламот и Албанците секогаш се доживувани како внатрешен непријател на државата (прво на Југославија а потоа и во Македонија), и затоа и се третирани од посебни сектори на разузнавачката служба. Секоја дестабилизација на нашето население, или на исламската вера секогаш е однапред третирана како дело на разузнавачките служби. И уште повеќе, овие појави се помагаат и од самата полиција! А такви, кои не ѝ посакуваат добро ниту на нашата држава, ниту на населението и ни на исламот, има на десетици во земјава.

Дали сте под некакви закани, уцени, киднапиран, држен некаде под сила? Стравувате ли за сопствениот живот?

– Не не, никако! Јас сум слободен граѓанин, но сум спречен во извршувањето на моите должности како легитимен претседател на ИВЗ. Одвреме-навреме добивам анонимни телефонски закани, и за овие закани се известени органите на редот и сигурноста. Жал ми е за моите соработници кои што поминуваат денови и ноќи опколени и под психолошки притисок од вооружените хулигани кои се движат до прозорите на нивните канцеларии. Загрижен сум само за нивните животи, за нивното здравје. Внатре се држат како заложници и претепаните работници кои, за жал, не се згрижија од здравствените институции на земјава. И ова е голем минус за институциите на земјава.

Со оглед на тоа што Вашите верници и следбеници не излегоа јавно да Ве поддржат се чувствувате ли осамен, изолиран и без поддршка?

– Не е вистина, туку е дезинформација. Ако сакате, ќе отвориме еден линк и ќе ги објавиме директно сите поддршки, телефонски повици од цела Македонија, од обичните граѓани и од муслиманските теолози. Ова се докажа и јавно се виде и од седниците на Ријасетот кои ги одржавме деновиве во овие вонредни околности и уште еднаш се покажа единството, легитимноста и поддршката на сите за развојот и институционалното напредување на нашиот верски живот. Сите органи на ИВЗ, сите муфтиства, секое посебно, го осудија овој криминален чин на овие губитници, им ја пратија пораката за единство на верниците кои се целосно огорчени од оваа игра на подземјето. Денес (06.05.2015), главниот имам на Скопското муфтиство организираше прес конференција со сите скопски оџи и оттука се пренесе поддршката од сите скопски имами. Навистина, кого претставува оваа група на пучисти освен интересот на хулиганите кои ги чекаат во дворот на ИВЗ?

Колкаво е влијанието на ИВЗ врз муслиманските верски објекти во земјава со оглед на тоа што се погласно се зборува дека нив ги раководат радикални исламски структури?

– Сите џамии се сопственост на ИВЗ и никој нема можност но ниту сила да ги узурпира. Во џамиите имаат право да влезат сите тие кои сакаат да се молат без разлика на која филозофија или правна исламска школа припаѓаат. Џамиите се место за молитва. Може да има и радикални елементи, криминални елементи, терористи, опасни луѓе, секакви луѓе, но никој нема право да ги спречи во нивната намера да се молат. Надвор од оваа должност, со што се занимаваат тие, веќе е надлежност на државните органи. Ние носиме одговорност само за тие имами кои сме ги вработиле, на кои сме им доделиле декрет за имами! Дали има други објекти кои можат да служат како „џамии“ а кои се под контрола на радикални елементи за нивните намери, за ова треба да прашате во органите за ред и безбедност. Сто отсто сум сигурен дека овие органи точно знаат кои се, колку се и каде се.

Колкумина муслимански верници се отидени во џихад од Македонија?

– Границите и царината, граничните премини, не се под надлежност на ИВЗ и затоа не можеме да кажеме кој влегува во државата и кој излегува од неа. Ова го знаат, или треба да го знаат, соодветните надлежни државни органи.
Разговараше Биљана Илиќreisi Sulejman ef Rexhepi

Comments are closed.